Откриен неверојатно сложен систем на тунели на Исламска држава

0
464

Телевизијата Скај њуз објави снимка од влегувањето на курдските сили во подземните тунели на ИСИС во град што до неодамна беше во рацете на терористичката организација. Курдските борци што неодамна го зазедоа Синџар останале вџашени од мрежата на подземни тунели и засолништа што ги изградиле екстремистите на ИСИС.

„Има толку многу тунели што не можевме да ги изброиме“, изјавил курдскиот воен командант Хусеин Куру Мурад.

„Овој тунел им овозможува да одат од продавница на улица до местото каде што прават бомби“, кажал тој покажувајќи на влезот во градот.

Мурад кажал дека, како што се засилувале нападите врз Синџар, екстремистите осмислиле сеопфатна мрежа тунели за нивните борци да избегнат излегување на отворен простор.

Во куќите пробиле дупки во ѕидовите за да можат да се движат меѓу зградите, без да бидат следени од непријателот.

Помошникот на Мурад, Рад Ахмед Али, кој ги водел Курдите низ тунелите кажал дека особено бил импресиониран од еден. Во него, милитантите на ИСИС изградиле бетонска скривница под куќата, па можеле да се скријат секогаш кога имало воздушен напад. Темелите на куќата над скривницата попуштиле од воздушните напади. Но, бункерот останал нечепнат.

Друг тунел на кој биле поврзани повеќе куќи имал сопствен систем за вентилација. Тој водел до борбените позиции. Тој бил до неодамна користен бидејќи Курдите во него нашле чиста долна облека како се суши и кафе на шпоретот кое требало да биде послужено.

Една од просториите била украсена со графити на таканаречената Исламска држава, а подот бил полн со стотици употребени шишиња за вода, дел од кои биле полни со урина. Тоа е доказ дека борците на ИСИС во затворен простор минувале колку што е можно повеќе време.