Откриена една од главните причини за катастрофалните поплави на Балканот?

0
636

Меѓународен тим научници во истражување објавено во магазинот Сајенс се обидува да ги објасни причините за катастрофалните поплави кои пред две години го погодија речиси целиот Балкан и уништија голем број куќи, ниви, а однесоа и десетици животи

Покрај климатските промени, научниците тврдат дека за поплавите се најверојатно одговорни и „планетарните резонанци“. Како што се истакнува во студијата, Балканот бил погоден од циклон од типот Вб, кој од Медитеранот донел обилни врнежи, а веројатно е поврзан со планетарните Розбиеви бранови.

„Анализите на дневните пролетни врнежи на Балканот откриваат значителни трендови на зголемување од 1950 до 2014 година. Затоа тврдиме дека во зголемените ризици од поплави на Балканот улога имале и динамичките процеси“, тврдат научниците.

Според нив, таква планетарна резонанца била забележана во летото 1997 година во Европа, а се повторила и пред две години на Балканот.

Розбиевите бранови се создаваат поради ротацијата на Земјата, а всушност станува збор за нарушувања во претежно западното струење на умерените географски ширини. Се појавуваат на висина од приближно 5 километри. На северната Земјина хемисфера предизвикуваат значително менување на правецот на струите на воздухот кои се движат од запад кон исток и носат промени во времето.