Отстранети се пречките, Заев е мандатар за состав на нова влада

0
520

Зоран Заев, претседателот на СДСМ денеска го доби мандатот за составување на нова влада од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Иванов изјави дека пречките се отстранети и го даде мандатот на Зоран Заев, кој од новото собраниско мнозинство е определен за мандатар за состав на влада.

Заев изјави дека двете пречки за состав на нова влада се остранети – избран е нов претседател на Собранието кој испрати писмо до претседателот на државата и испорачана е изјава со гаранциите кои ги бараше шефот на државата.

„Гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија.
Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целост на Република Македонија.
Гарантираме почитување на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани.
Гарантираме дека процесот на носење на одлуките ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеењето на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во зависност или потчинетост од други држави.
Ниеден документ или дејство не можат да бидат услов ниту основа за формирање на влада на Република Македонија“, пишува во писмената изјава потпишана од Заев која денеска му беше предадена на Иванов.