Отворени Олимписките игри во Рио

0
434

Летните олимписки игри коишто за прв пат се одржуваат во Латинска Америка рано утрово беа отворени со свечена церемонија на познатиот стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро.

Спектаклот, којшто траеше речиси четири часа, ги воодушеви сите ширум планетава, иако не беше грандиозен како во Лондон и Пекинг.

Олимпискиот пламен на стадионот го носеше поранешниот бразилски тенисер Густаво Куертен, а пламенот го запали маратонецот Вандерлеи Кордерио де Лима.

Првобитната идеја беше пламенот да го запали легендарниот фудбалер Пеле, но тој поради здравствени проблеми го откажа учеството на церемонијата.

На церемонијата беа вклучени повеќе од 35.000 професионалци, 12 школи за самба и повеќе од 5.500 костими. Режисер на спектакуларното отворање беше Фернандо Меирелеш, творецот на култниот филм „Град на богови“, а сите кои учествувале се Бразилци, освен познатата британска актерка Џуди Денч.

На игрите во Рио учествуваат околу 11.000 спортисти, во вкупно 306 дисциплини во 28 спортови.

Македонија ќе има шест претставници во Рио кои ќе се обидат на Олимписките игри да ги остварат своите најдобри достигнувања. Прва настапува Нина Балабан во стрелаштво, а завршува атлетичарот Дрита Исљами.

Ерупција од свирежи го потресе стадионот „Маракана“ во моментот кога непопуларниот вршител на должност, шеф на државата, Мишел Темер ги отвори Олимписките игри.