Ова е најсигурната банкнота во светот

0
635

Швајцарската централна банка ја претстави новата банкнота од 20 франци за која вицегувернерот Фриц Зурбруг рекол дека би можела да биде најбезбедната банкнота на светот.

Црвената банкнота е изработена од хартија зајакната со памучни влакна, а во внатрешноста крие основа од полимер, пренесе Блумберг. Поседува околу 15 заштитни елементи, меѓу кои е глобус кој ја менува бојата, сребрена мапа на Швајцарија и крст кој се прелева во знамето на таа држава. Дел од елементите против фалсификување може да бидат видливи само под ултравиолетови светла или микорскоп. Банкнотата во оптек тргнува на 17 мај.

„Банкнотата од 20 франци се фокусира на швајцарската креативност, нагласувајќи ја вибратната култура и уметничка сцена“, рекол Зурбруг во текот на претставувањето во Берн, швајцарскиот главен град. Новите 20 франци се претставени по ланското пуштање во оптек на банкнотата од 50 франци која е прогласена за банкнота на годината 2016 во избор на меѓународно жири. Инаку, во конкуренција беа 18 валути, вклучувајќи ја и контроверзната банкнота од пет британски фунти изработени од целосна пластика.

Дизајнерите на новата серија на „швајцарецот“ се одлучиле за прикази на мотиви од природата наместо историски личности. Освен што користи најмодерни методи на заштита од фалсификатори, новите 20 франци се со помал формат од досегашните, па банкнотата е поедноставна за користење, соопштиле од централната банка.