Оваа година помалку уапсени, но повеќе киднапирани новинари

0
299

Во 2015 година ширум светот биле уапсени помалку новинари во спредба со минатата година, но бројот на киднапирани многу се зголемил, објави денес организацијата „Репортери без граници“ (RSF) во својот најнов годишен извештај.

Бројот на уапсени новинари годинава падна за 14 проценти во однос на минатата година, на 153, соопшти RSF, наведувајќи дека најлошо е во Кина и дека оваа земја е „најголем светски затвор за новинари“, пренесува агенцијата AFP.

По Кина, Египет е втор по бројот на уапсени новинари, а RSF исто така ги осуди Иран и Еритреја за затворање на припадници на седмата сила.

Оваа година биле киднапирани вкупно 54 новинари, што е дури 35 проценти повеќе од лани, а земја во која ектремисти или криминалци киднапирале највеќе репортери е Сирија, каде биле киднапирани 26 новинари, соопшти RSF.

Само Исламската држава (ИСИС) држи заробени 18 новинари, главно во Сирија и Ирак, наведува организацијатаза заштита на слободата на печатот.

„Во некои конфликтни зони развиена е вистинска индустрија на киднапирање“, изјави генералниот секретар на РСД Кристоф Делоар и укажа на Јемен како најнова проблематична земја по ова прашање, имајќи предвид дека бунтовниците Хути и Ал Каеда во 2015 година киднапирале 33 новинари во споредба со двајца во 2014 година.