Падна договор за ДИК

0
449

По речиси три часа лидерска средба во Клубот на пратениците, постигнат е договор за тројцата експерти во Државната изборна комисија, јави Нова ТВ.

Како што соопштуваат партиите во заедничката писмена изјава, се работи за Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и Александар Чичаковски.

„Ние, лидерите на најголемите политички партии, го поздравуваме постигнатиот договор за целосниот состав на Државната изборна комисија. Препорачуваме Парламентот да ги назначи Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и Александар Чичаковски за независни експерти во ДИК“, се вели во заедничката изјава.

Лидерите ургираат до Законодавниот дом, што побрзо да ги финализира неопходните постапки за Комисијата да започне со работа и да ги подготвува следните избори, закажани за 24.апртил следната година.

Воедно, тие ги повикуваат институциите целосно да ја поддржат ДИК во својата, како што велат, „тешка задача“.

„Ја покануваме ДИК да ги донесе неопходните одлуки за кадровското екипирање, вклучувајќи и професионален и висококвалификуван генерален секретар, за методологиите за проверка на Избирачкиот список и да утврди постапки за проверка и за одлучување по изборни поплаки“, се вели меѓу другото во изјавата.

Постигнатиот договор пред новинарите го поздрави и меѓународниот посредник, Питер Ванхоуте, кој рече дека е многу важно што лидерите останале посветени на Државната изборна комисија, имајќи ги во предвид предвремените избори.

Тој порача дека роковите се веќе пробиени, а работните групи утре продолжуваат да разговараат за најважните теми, меѓу кои работата на МРТВ, Агенцијата за медиуми и МИА.

Ваквиот нов состав на ДИК е предвиден со договорот од Пржино, кога ДИК од шест о членови предложени од партиите се дополнува и со тројца експерти.

Покрај денес избраните експерти, во ДИК ќе членуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Срцев и Силвана Бонева, од СДСМ Игор Милев и Виолета Дума, од ДПА Бедредин Ибраими и од ДУИ, Субхи Јакупи.

Според предвиденото, Прекопуца треба да биде потпретседател на ДИК, додека помеѓу Урумов и Чичаковски ќе се бира претседавачот со Државната изборна комисија.