Падна првата клапа на „Мајсторот Чинго“

0
623

Во Македонскиот народен театар, денеска пред бистата на Живко Чинго, падна првата клапа од снимањето на документарниот филм за животот и делото на овој голем македонски писател насловен „Мајсторот Чинго“. Филмот е во режија на Љубиша Георгиевски, продуцент е Петар Ѓуровски, сценариото е на Сашо Миленковски, директор на фотографија е Горан Наумовски, а стручен консултант, историчарката Виолета Ачковска.

„Проектот е одобрен од Кинотека на Македонија за оваа година, бидејќи се навршуваат 80 години од раѓањето на големиот раскажувач и еден од најмаркантните ликови во македонското книжевно творештво, Живко Чинго. Документарниот филм ќе биде посветен на делото на Чинго, кој има една од водечките улоги во македонското книжевно творештво. Тој остави длабоки корени во македонската литература и ја позиционираше во светски рамки. Значајно за самиот документарен филм е тоа што ќе биде малку поразличен од вообичаената рамка на документарци кои се снимаат, односно во филмот ќе се води еден виртуелен разговор на Чинго со режисерот Георгиевски“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на вчерашната прва клапа од снимањето.