Падот на цената на нафтата ги притисна европските берзи

0
365

Енергетскиот и рударскиот сектор на европските берзи се најдоа во понеделникот под притисок, бидејќи цената на нафтата по силниот скок во петокот повторно падна во понеделникот.

FTSEurofirst индексот на 300 водечки европски акции околу 11,00 часот беше во минус 0,7 отсто, откако минатата недела скокна за 2,7 отсто, оддалечувајќи се од најниското ниво од октомври 2014 година.

Лондонски FTSE истовремено беше во минус 0,30 отсто, на 5.882 поени, додека франкфуртски DAX се спушти 0,10 отсто, на 9.768 поени, а париски CAC 0,15 отсто, на 4.329 поени.

Европските берзи се под притисок од почетокот на годината поради забавување на растот на кинеската економија и остриот пад на цената на нафтата. Меѓутоа, во петокот цената на нафтата скокна околу 10 отсто, што го поттикна растот на FTSEurofirst 300 за силни 3 отсто. Благодарение на тоа, минатата недела европските берзи го забележаа првиот раст во оваа година.

Но, веќе денеска повторно се најдоа под притисок бидејќи цената на нафтата повторно е во надолна линија.

На американската берза цената на барелот падна за 58 центи, на 31,61 долар, додека на лондонската берза барелот поевтини за 67 центи, на 31,51 долар.

Поради тоа денеска под најголем притисок се најдоа акциите на нафтените гиганти, како што се BP, Royal Dutch Shell и Total.

Аналитичарите велат дека берзите и натаму се нестабилни и дека инвеститорите ќе го искористат секој позначителен скок на цените за да ги продадат акциите.

И додека падот на цената на нафтата повторно ги притиска берзите, поддршка им пружат надежите дека европската централна банка, пред сѐ, европската и јапонската, наскоро дополнително ќе ја олабават монетарната политика поради превирање на финансиските пазари и загриженоста поради Кина.

Меѓу ретките добитници денеска беше Атинската берза, со раст на индексот од 1,2 отсто, бидејќи агенцијата Standard & Poor′s го зголеми рејтингот на Грција. /крај/мф/ап/