Панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека“ ќе го тужи Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари

0
321

Панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека“, која се најде во центарот на огромниот скандал со документи, што открија детали за офшор финансиски договори, најави дека ќе преземе правни дејствија против Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.

Оваа фирма преку соопштение посочува дека барала од конзорциумот да го запре објавувањето на информациите од документите до кои, според неа, тој дошол преку хакерски упад.

Конзорциумот во понеделникот јавно достапна ја направи базата со информации за околу 200.000 офшор компании. Тој подвлече дека тоа не значи дека секоја од споменатите фирми го нарушила законот.

Од „Мосак Фонсека“ предупредија дека освен што биле стекнати противозаконски, овие податоци биле и полни со грешки.

Новинарскиот конзорциум објави мноштво сведоштва кои детално опишуваат како светски лидери  и компании ги користеле офшор сметките за да прикриваат средства.