Парада на гордоста во Белград

0
148

Во Белград денеска ќе се одржи Парадата на гордоста, која тргнува од Славија до плоштадот Република. Почетокот на движењето ќе го прогласи глумицата Мирјана Карановиќ.

Како што објаснуваат организаторите, Карановиќ ќе ја отвори Парадата поради нејзиното повеќегодишно залагање за почитување и унапредувањето на човековите права во Србија, промоцијата на демократските вредности, толеранцијата и прифаќањето на различностите.

Како што е најавено ќе биде одржана минута молк посветена за ЛГБТ заедницата во целиот свет.

Учеството на Парадата на гордоста најави и српската министерка за државна управа и локална самоуправа Ана Брнабиќ, а министерката за ресор Славица Ѓукиќ Дејановиќ рече дека ќе учествува на парадата, доколку обврските и го дозволат тоа.

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека на Парадата на гордоста ќе бидат ангажирани доволен број полицајци, кои ќе ја осигураат безбедноста на белградските улици.

– Ова и натаму е собир од висок ризик и сакам да ги замолам сите сограѓани да се воздржат од насилства. Важно ни е никој да не мисли дека со уривање и палење на градот и судири со полицијата ќе се постигне некаков ефект, истакна Стефановиќ.Првата Парада на гордоста е организирана во 2001 година, кога учесниците ги претепа група хулигани. Од тогаш до денеска поради безбедносни причини надлежните ја откажуваа три пати.