Парламентарни избори во Сирија на 13-ти април

0
515

Сирискиот претседател Башар ал-Асад распиша парламентарни избори за 13-ти април, според соопштението на неговиот кабинет објавено во понеделникот.

„Претседателот Асад го издаде указот број 63, со кој се одредува 13-ти април 2016 година како датум на одржување на изборите за членови на народното собрание (парламентот –з.р)“, се вели во соопштението што го цитира државната агенција SANA.

Последните парламентарни избори во Сирија се одржаа во 2012 година, речиси една година откако веќе беше започната граѓанската војна, а според уставот кој претходно беше изменет и владејачката Баат партија го загуби уставотворниот статус, се одржуваат на секои четири години.

Така, овие ќе бидат вторите парламентарни избори од почетокот на сирискиот конфликт во март 2011 година. На последните кои се одржаа во мај 2015 година, одѕивот на избирачите според сириската државна изборна комисија изнесувал 51 отсто.

Најавата на парламентарните избори следи нецел ден откако Русија и САД, кои поддржуваат спротиставени страни во сириската војна, го објавија планот за прекин на непријателствата во Сирија, што требаше да стапи на сила во сабота. Тој, покрај екстремната сунитска организација Исламска држава, ја исклучува и исламистичката Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда, за чиешто учество во мировните преговори се залагаа некои од регионалните арапски сојузнички на САД кои ја поддржуваат сунитската вооружена опозиција во Сирија.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад, во интервјуата за западните медиуми од минатата седмица, покрај спроведувањето на парламентарните избори повеќепати ја нагласи и можноста од спроведување вонредни претседателски избори. Асад рече доколку го поддржи мнозинството од Сиријците, ќе остане во политиката и на должноста, иако опозицијата бара негово неизоставно заминување од политиката.