Партиите да најдат решение за кризата во следните денови, а не недели или месеци

0
273

Европската Унија е длабоко загрижена поради политичката криза која наместо да се решава, се најде во ќор-сокак, соопшти денеска во Скопје евроамбасадорот Аиво Орав, придружуван од амбасадорите на земјите членки на Унијата.

– Помина повеќе од еден месец откако Собранието повторно се свика. За жал, не видовме прогрес за решавање на политичката криза во земјата. ЕУ е сериозно згрижена за ситуацијата. Ние сме едногласни во потребата политичките лидерите на земјата да се вклучат во отворен дијалог. Партиите мора да се согласат како понатаму да се имплементира Договорот од Пржино, вклучувајќи го и создавањето услови за веродостојни избори – рече Орав, читајќи ја заедничката изјава на европските амбасадори.

Евроамбасадорот истакна дека во изминатиот период е забележано сериозно кршење на владеењето на правото и порача дека тоа е спротивно на демократските принципи.

– Во изминатите месеци, владеењето на правото се соочуваше со многу предизвици, вклучувајќи го и помилувањето од претседателот на државата. Владеењето на правото е темел за силно демократско општество. Затоа, исто така е важно да се имплементираат реформските приоритети што ги предложи Европската комисија – рече евроамбасадорот.

Орав повтори дека работата на Специјалното јавно обвинителство не смее да се попречува и ги повика властите и институциите да престанат со опструкциите.