Партиите денеска ќе расправаат за специјалниот јавен обвинител

0
212

Претставници на четирите политички партии, денес попладне ќе разговараат за законските измени и точните ингеренции на специјалниот јавен обвинител.

Токму поради тоа, на претставниците од Работната група денес ќе им се приклучи и посредникот Џејмс Хамилтон со кој, тие треба да се договорат не само за тоа кој ќе биде специјален јавен обвинител, туку и со какви надлежности и буџет ќе располага истиот.

Пред само неколку дена, министерот за финансии, Зоран Ставревски, рече дека во буџетот има доволно средства за новиот специјален јавен обвинител. Но засега нема информации со какви надлежности ќе располага тој.

Според финалниот договор од Пржино, специјалниот обвинител треба да биде избран на 15 септември и да работи на расчистување на сомнежите кои произлегоа од прислушуваните разговори. Според договорот, тој треба да бида избран на предлог на сите четири партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.

Претходните неколку дена Работната група, под посредство на холандскиот експерт Питер Ванхоуте, разговараше околу изборниот законик, прочистување на изборниот список, гласањето на дијаспората и новиот состав и надлежности на Државната изборна комисија.

Засега нема информации дали партиите постигнале компромис по овие прашања. Официјалните информации се само дека преговорите привршуваат до крајот на оваа надела, а ќе продолжат повторно од 10 август, до кога претставниците на Работната група ќе бидат на одмор.