Партиите денеска од Пржино се селат во американската амбасада

0
453

Преговорите на работните групи на политичките партии продолжуваат денеска во 14.00 часот, но, наместо на досегашната локација во резиденцијата на ЕУ во Пржино, средбата ќе се одржи во американската амбасада.

Причината за промената на локацијата, најверојатно е тоа што евроамбасадорот Аиво Орав попладнево треба да замине на неколкудневни консултации во Брисел. Иако деновиве се шпекулираше дека Орав заминал на годишен одмор, тој учествуваше на сите досегашни средби и ќе отпатува денеска попладне, но само на неколку дена.

Амбасадорите Орав и Џес Бејли во петокот најавија дека преговорите ќе продолжат денеска и дека на партиите им се остава викендот за дополнителни консултации околу последното отворено прашање, ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада.

Во официјалните изјави партиите тврдеа дека не отстапуваат од своите црвени линии, при што СДСМ инсистира министерот за внатрешни работи да има целосни ингеренции во кадровската политика и да се вратат старите решенија, а ВМРО- ДПМНЕ тврди дека токму овие измени ќе ја спречат партизацијата на министерството. СДСМ дури најави дека поо никоја цена нема да отстапи од своето барање.

Доколку се реши ова прашање, според она што е досега договрено, техничката влада ќе се формира сто дена пред изборите, ќе се проверуваат околу 40.000 гласачи, а оние за кои се претпоставува дека се во странство ќе бидат на посебен извод од Избирачкиот список. Ќе се формира тело составено од четирите партии кое ќе има мандат да ги мониторира и казнува медиумите во предизборниот период.

Останува да се договори уште датумот за избори, дали ќе биде есенва или на пролет идната година.

www.mkd.mk