Партиите се блиску до договор за изборниот законик

0
813

Утре се очекува финален договор на партиите за Изборниот законик. Вчерашниот и денешниот ден се користат за поединечни средби и контакти, а пленарната средба треба да се одржи утре.

Тоа што сум информиран од господинот Питер Ванхојте е дека до Недела, односно од утре, им треба време да го состават конечното решение на законскиот текст и на работна група во недела да го презентираат. Се надевам дека тука ќе биде веќе се конечно усогласено, за вендаш после празничните денови, односно од вторник да биде преточен како законско решение во парламентот и донесен. Велам се надевам, заради тоа што доволно време изгубивме а навистина има уште многу теми кои треба да се дебатираат, изјави денеска во Прилеп, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Се доближуваат ставовите околу сите спорни одредби. Иселениците од сите континенти веројатно ќе гласаат за кандидатски листи со тројца пратеници во една изборна единица.

Ова е едно од можните решенија, што го разгледуваат сите партии.

Во однос на дијаспората, СДСМ бараше пратениците да се бираат со поголем број гласачи и затоа предлагаше цензус.

ВМРО ДПМНЕ инсистира иселениците да имаат свои претставници во Парламентот, бидејќи се нераскинлив дел од македонското ткиво.

Од преговарачкиот тим на владеачката партија велат дека изземањето на дијаспората е спротивно на националните интереси.

Ќе видиме како ќе се одвиваат работите во овој период. Очекувам рационалност од нивна страна. Очекувам да работат и да делуваат во рамки на националните интереси на Република Македонија а не на нивните лични и партиски интереси и за едни избор. На овие избори резултатот може да биде еден, на другите избори ќе биде друг, на трети избори ќе биде трет. Значи ние треба да гледаме стратешки, за националните интереси на Република Македонија а не теснопартиски за тоа каков резултат ќе имаме на овие или на некои други избори, изјави министерот за здравство и член на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.