Патики и велосипеди што полнат батерии

0
311

Патики и велосипед кои генерираат електрична енергија за полнење батерии, како и вирални видеа и хумористични скечеви, се идеите наградени на Првиот климатски камп во Македонија, „Од тебе зависи”, кој имаше за цел да ги поттикне граѓаните да ги промовираат своите идеи за тоа како може да се намалат штетните влијанија на климатските промени во урбаните средини.

Најдобрите два тима кои ги промовираа своите идејни решенија за темата добија по 10.000 долари за да ја претворат нивната идеја во реалност во следниот период.

„Среќна сум што овој климатски предизвик разбуди голем интерес кај граѓаните, добивме над 130 одлични апликации, што докажува дека сите ние како поединци можеме да дадеме голем придонес во борбата против климатските промени”, изјави Луиза Винтон, Постојан координатор на Обединетите нации и Постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)

Победниците, односно двата тима кои добија по 10.000 долари за да ја реализираат беа избрани од страна на стручно национално и меѓу народно жири од вкупно 10-те финалисти кои беа дел од Првиот Климатски Камп во Македонија.  (www.odtebezavisi.mk)  Покрај потрагата за иновативни решенија од страна на граѓаните (поединци или тимови), овој камп имаше за цел и да ја зголеми свесноста за климатските промени – реалност за која е потребна непходна акција.

Тим 1 ќе работи на патики и велосипед кои генерираат електрична енергија за полнење батерии. Дел од тимот беа Александар Лазовски, Мартина Димоска, Лорета Тодоровска и Николчо Гошев.

Тим 8, пак ќе работат на вирални видеа и хумористични скечеви. Дел од тимот беа Жарко Димитриоски, Владо Оцевски, Ѓорѓи Џамбазов, кои работеа под менторство на Бранко Огњановски.

Сите финалисти се залагаа за една и единствена цел, како да си помогнеме самите себе за да живееме во почиста и поздрава околина. ,,Од Тебе Зависи” е голем чекор за прогресот кон поздрав и подобар начин на живеење и справување со штетните влијанија на климатските промени во урбаните средини.

“Преку овој иновативен камп, тимовите имаа можност да ги надградат нивните првични концепти, да развијат нови идеи, да научат повеќе за техничките можности, и на крај да ги заживеат нивните идеи. Размената на идеи може да создаде многу креативна енергија. А токму таа енергија е онаа со намалена емисија на стакленички гасови, едноставна за пренос, виртуелно неограничена, и веројатно многу моќна” изјави Џејмс Стајн, Директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.

„Милиеуконтакт Македонија како организација  јасно се заложува за подигање на свесноста меѓу граѓаните за присуството на климатските промени . Како спроведувач на Проектот на УСАИД за општествени стратегии за климатски промени Милиеуконтакт Македонија ја поддржа оваа иницијатива #Одтебезависи заедно со канцеларијата на УНДП во Скопје и Амбасадата на Кралството Шведска во Македонија, во партнерство со факултетот Финки и Social Innovation Hub.

Интересот и заложбите на нашата организација во оваа иницијатива беа да се одбере и спроведе една креативна кампања од пристигнатите апликации, која на национално ниво преку секојдневни и актуални теми ќе проговори за предизвиците кои ги носат со себе климатските промени. Една креативна кампања која ќе му посочи на обичниот граѓанин дека навистина – од сите нас зависи!

„Иако два тима ја понесоа наградата  која ќе им овозможи да ги спроведат своите иновативни идеи, овој климатски предизвик нема само два победника,  сите десет тима се победници бидејќи нивните напори и заложби се она што е највредно во овој предизвик“, истакна Н.Е. Матс, Стафансон, амбасадор на Шведска во Македонија.

Кампањата ‘ОдТебеЗависи’ е поддржана од Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје, Шведската Амбасада, Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени спроведуван од Мили еу контакт Македонија, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) и Министерството за животна средина и просторно планирање.