Педесет oтсто од луѓето во Македонија живеат со 212 евра месечно

0
466

Седумдесет отсто од населението има месечни примања помали од 300 евра, а 50 отсто од населението заработува помалку од 212 евра месечно. Според податоците за доходовната нееднаквост во Македонија, што денес ги објави Министерството за финансии, најбогатите еден процент во земјава заработуваат 14 отсто од вкупниот доход во Македонија.

„Лани вкупниот доход во Македонија  бил 3,4 милијарди евра, од овие 470 милиони евра се доход на најбогатите, еден отсто од населението. Највисок годишен доход што едно лице остварило лани е 2,6 милиони евра, 15 лица заработиле над милион евра, а 66 лица од најбогатите заработиле над пола милион евра“, рече Бранимир Јовановиќ, советник во кабинетот на министерот за финансии Драган Тевдовски.

„Пример за оваа нееднаквост е едно претпријатие каде лани 466 вработени имале просечен доход од 280 евра, а еден вработен доход од 21.000 евра. Во една текстилна фабрика 376 вработени просечно месечно заработувале 140 евра, а еден вработен 73.000 евра имал доход, што е повеќе од доходот на сите вработени заедно. Анализата покажа дека најсиромашните доходот најмногу го оствариле од плата и пензија, додека кај најбогатите доходот е остварен од плата, дивиденди и закупнини“, рече Јовановски.

Министерот Драган Тевдовски рече дека оваа анализа, која е правена според податоци од УЈП, ќе се користи при подготовка на даночните реформи, кои се предвидени и во програмата за работа на Владата.

Без коментари