Пелистер го елиминира Силекс и обезбеди полуфинале на Купот

0
265

Битолски Пелистер е кобен за Силекс оваа сезона, па откако освои четири бода во двата првенствени натпревари, сега го елиминира кратовскиот прволигаш и од Купот на Македонија. По минималната победа под „Тумбе кафе“ пелистерци денес во Кратово славеа со 1-2 (0-1) и презимуваат во најмасовното македонско фудбалско натпреварување.

Мечот започна многу тврдо и во првите 10-15 минути без шанси. Следеше првата гостинска закана преку Маркоски и неговиот удар над пречката. Потоа Филиповски и Недељковиќ имаа две големи шанси за Силекс, дури и домаќините ја погодија стативата, но резултатот не се менуваше.

Екипата на Тасевски ја презеде иницијативата и во централниот дел од првото полувреме Пашовски на двапати ги спасуваше гостите. Следеше период на изедначена игра и Лукас и Трифуновски му се заканија и на домашниот голман Вујанац.

Кога се чинеше дека првиот дел ќе заврши без голови, по една долга топка Трифуновски спушти до Ристе Маркоски, а овој со резантен удар донесе водство за битолчани и голем чекор до полуфиналето.

Наместо поконцентрирано, кратовчани почнаа збркано во вториот дел и Пелистер тоа го искористи и зголеми на 0-2. Најнапред Попзлатанов не реализира зицер, а потоа по еден час игра по центрашутот на Фернандо, Боби Божиновски ја закова топката во домашната мрежа и ги урна и така минималните шанси за домаќините.До крајот домаќинот се отвори и по малку случајно преку Глигоров намали ја 1-2 на 15 минути до крајот, откако еден обид да центрира го изненади гостинскиот голман. До крајот изостанаа емоции и Пелистер со вкупни 3-1 го елиминира Силекс и по неколку годишна пауза пак ќе игра пролетни натпревари во Купот.