Пелистер го освои Купот

0
1050

Пелистер е победник на 25.финале во фудбалскиот Куп на Македонија, откако по изведување пенали славеше против Шкендија  со 4-3 . По цели 16 години, битолскиот тим повторно се закити со трофејот во најмасовното фудбалско натпреварување. Последниот пенал го реализираше Баже Илијоски, за кого ова е петти куп-трофеј во кариерата.

По 120 минути игра, мечот заврши без голови, а во текот на второто полувреме имаше десетминутен прекин кога тимовите беа повлечени во соблекувалните поради националистички скандирања и навреди од трибините. Сепак, на крајот се мина во најдобар ред.

На почетокот од мечот, имаше многу калкулирање, се внимаваше на својата мрежа, без изразени шанси пред противничкиот гол.  Жуниор се обиде во 22.минута, четири минути подоцна Баже Илијоски возврати, но Захов исфрли во корнер.

Во 35.минута, Илијоски го проигра Боби Божиновски кој шутираше од 16 метри, но над голот на Шкендија.

На стартот на вториот дел, Бесарт Ибраими прв се закани кон голот на Пелистер, но шутираше за малку крај голот. По ова, многу нефудбалски случувања на стадионот „Младост“ во Струмица.

Навивачките групи на двата клуба, „Чкембарите“ и „Балистите“, почнаа со националистички скандирања, фановите на Шкендија истакнаа албански знамиња на трибината, по што судијата Александар Ставрев одлучи да го прекине привремено натпреварот. Фудбалерите беа повлечени во соблекувалните.

По десетина минути прекин, капитените на двата тима, Филип Миленковски и Ардијан Цуцули, ги замолија навивачките групи да престанат со национализмот, по што мечот беше продолжен.

Се загреа атмосферата и на трибините и на теренот, а во 78.минута Баже Илијоски ја имаше најголемата шанса за да го отвори резултатот. Беше тоа голема грешка на Вујчиќ, Илијоски излезе сам пред голот на Шкендија, шутираше, но Костадин Захов спречи сигурен гол.

Возврати Марјан Радески со удар од 20 метри во 87.минута, но Илче Петровски одбрани. По регуларниот дел, сепак, немаше голови, па финалето отиде во продолженија.

Во 105.минута, фантастична можност за водство имаше Пелистер. Лукас Фереира излезе сам пред голмнанот на Шкендија и наместо да шутира, тој се реши да го проигра Баже Илијоски, а Иван Челиковиќ успеа да расчисти. Немаше други шанси до крајот, па финалниот дуел се решаваше на пенали.

Алими го погоди првиот пенал за Шкендија, но израмни Филип Петров (1-1). Бесарт Ибраими го промаши целиот гол, а Гоце Тодоровски го доведе Пелистер во водство (1-2).

Марјан Радески беше прецизен во третата серија за Шкендија, а Лукас Фереира не погоди за Пелистер (2-2).

Илче Петровски го одбрани ударот на Бесарт Абдурахими, а Мартин Ковачев реализираше важен пенал за водство на Пелистер (2-3).

Ферхан Хасани израмни, но Баже Илијоски го донесе триумфот за Пелистер и пехарот од Купот на Македонија.