Пелистер го „среди“ и Шкупи под „Тумбе кафе“

0
483

Мечот започна офанзивно од двете страни, па по само 4 минути Бајрами се закани од далечина, но биеше крај дирекот. По првата офанзивна акција, Пелистер поведе во 7. минута. Тошевски центрираше од десната страна, Трифуновски биеше во стативата, па Љамчевски во блокот и Лукас од третиот обид го совлада Зендели (1-0).

Следеше период во кој чаирчани реагираа и Адем во 18. минута случајно излезе сам пред Пашовски, но голманот на пелистерци со инстиктивна реакција го спаси својот гол. Периодот на подобра игра гостите можеа да го материјализираат со шансата на Османи по третиот корнер по ред во 31. минута, но Трифуновски изблокира во последен момент.

Пелистер беше поконкретен во одличното прво полувреме и замина на одмор со минимална предност.

Второто полувреме започна со две замени, откако Ариф влезе кај гостите, а Илиев кај домаќините. Токму по брзата акција на новајлијата кај гостите, Шкупи можеше да израмни, но Пашовски го прочита неговиот центрашут.

Следеа напади на битолчани по кои Илиев фати волеј, но неговиот удар заврши за малку крај голот. Замените го паднаа темпото на игра, а тоа го искористи Пелистер ој со влегувањата на Божиновски и Велинов доби нова енергија.

Во 80. минута по акцијата на Лукас, Боби Божиновски се придодаде од втор план и погоди како рутинер за финални 2-0. Во последните 10 минути Пелистер можеше да постигне и трет гол, но Божиновски ја погоди стативата, а Фернандо прекрасната акција на домаќините не ја заврши со гол, бидејќи биеше крај голот.

Пелистер го одигра своето најпозитивно издание под Шенсои и со петтата победа на последните шест натпревари ги потврди европските амбиции.