Пелистер очекува да се наметне уште од првото коло

0
1103

В недела во Кичево против Влазерими, Пелистер ја почнува својата трета сезона во Втората фудбалска лига, со надеж дека и оваа ќе заврши како првите две, во кои зелените беа прваци и се промовираа во прволигаши неколку кола пред крајот на шампионатот. Но и покрај квалитетот Пелистер не се смета себе си за апсолутен фаворит во првенството, кое почнува овој викенд. Напротив, во лига со 10 екипи, од кои половината се бивши прволигаши, мора да се биде претпазлив. Победата од 0:8 во Прилеп против третолигашот 11 Октомври ги охрабри момците на Зоран Штерјовски по седум меча во кои пелистерци немаа победа. Трите гола на Благојче Главевски, без разлика што се постигнати против многу послаба екипа, значат за самодовербата на напаѓачот: „Напорно работевме и добро се подготвивме. Мислам дека Пелистер е спремен за предизвикот и уште од првиот натпревар, ќе се наметнеме. Имаме искусни фудбалери и многу талентирани младинци, кои доаѓаат и верувам во тој микс дека може да биде нашата добитна комбинација„ потенцираше бившиот фудбалер на Шкендија, Напредок и Силекс, Благојче Главевски. Скоро сите фудбалери кои имаа проблеми во овие подготовки се опоравија и со исклучок на Јованчо Трајковски ќе му се стават на располагање на стручниот штаб. Тодоровски ќе биде подготвен, Миленковски ја залечи повредата и веќе погоди на Куп натпреварот, а и напаѓачот Трифуновски е фит.