Пелистер пред елиминација од Челинџ Купот

0
493

Ракометарите на Пелистер се наоѓаат пред елиминација од Челинџ Купот, откако во првиот натпревар од третото коло на Челинџ Купот, на домашен терен загубија од Вогошча од БиХ со 21-23 (10-10).

3.000 љубители на ракомет се собраа во спортската сала „Младост“, но повторно изостанаа „Чкембарите“, кои протестираат против клупската управа. Мечот почна израмнето, со дури пет изедначувања во првите 11 минути.

Во 19. минута се повреди клучниот организатор на играта на битолчани, Богдан Николиќ и тоа се одрази на играта на „зелените“. Комбинациите со кружниот напаѓач Џеко беа нерешлива енигма за пелистерци, кои преку Маџовски и Павловиќ во финишот на првиот дел надополнија и на одмор заминаа со 10-10.

Вториот дел започна многу тврдо, со серија на грешки и брз тајм-аут на Каменица во 37. минута. Следеа неколку одбрани на Шабановиќ и голови од транзиција на Бачиќ за +2 за Вогошча.

Следеше одговор на битолчани со головите на Митревски и Чантурија и на 18-18 гостинскиот тренер Томиќ побара минута одмор. Гостите се стабилизираа, имаа повеќе енергија и по одбраните на Шабановиќ и головите на Дивковиќ и Џиновиќ стигнаа до победа од 21-23.

Возвратниот натпревар се игра следната сабота во Сараево.