Пелистер „скроти лавовите“ во Битола

0
625

Пелистер под водство на новиот тренер Наџи Шенсои по вторпат забележа домашна победа и со еден гол ја „скрши“ жилавата и млада екипа на Македонија ЃП (1-0). Така со 7 бода од последните три натпревати откако дојде косовскиот тренер, битолчани имаат ист учинок под Шенсои, како што почнаа со Љамчевски.

Мечот започна брзоплето со серија на грешки и дури четири жолти картони кои Александар Ставрев ги покажа во првите 30 минути. Битолчани кои настапија со шарен тим, без Тодоровски, Фернандо и Степановски мака мачеа да „врзат“ течна игра, па се закануваа од прекини.

Најнапред Маркоски се обиде по корнерот на Миленковски, но неговиот удар заврши над голот. Најубавиот момент беше волејот на Филип Миленковски во 27. минута по долгата акција на Лукас и Попзлатанов, но пак Киндакјан немаше потреба да интервенира.

Кога се очекуваше крајот на првиот дел, во 42. минута Тошевски проби по десната страна, центрираше по земја, а одбраната на „лавовите“ подзаборави на Бујчевски, кој од само 5-6 метри ја втурна топката во празната мрежа за водство на битолчани од 1-0.

Во вториот дел битолчани двапати ја годеа рамката на голот преку Бујчевски и Трифуновски, имаа уште две шанси преку Марковски и Илиев, но не постигнаа втор гол. Долго се играше пред голот на „лавовите“, но вториот гол не беше постигнат

Наместо тоа срамежливите гости преку Јашароски во 87. минута можеа да казнат, но Пашовски одбрани. Ниту по седум минути надополнување резултатот не се менуваше и Пелистер трет меч под водство на новиот тренер не прими гол и доаѓа на мегдан кај Работнички со само еден бод помалку од дебармаалци. Единствена лоша вест за пелистерци е петтиот жолт картон на Ковачев, кој нема да настапи на „Филип втори“ наредниот викенд.