Пелистер со енергија за едно полувреме, бодовите се за Тинекс Пролет

0
493

Директната пресметка на Тинекс Пролет и на Пелистер во Скопје, донесе израмнето прво полувреме и одлучувачкото одлепување на домашната екипа во продолжението до финални 28:26 (12:11). Мечот започна многу израмнето и до играта гол за гол, први поведоа гостите преку Србинот Чачиќ. Но кога во 13. минута момците на тренерот Атанасовски, преку Стојановски го вратија водството, не го испуштија до одморот. Пелистер преку двата кружни напаѓачи Димитровски и Топиќ, им создаваше многу проблеми на ракометарите на Тинекс Пролет. Сепак, Петар Јовановски погоди за минимално водство на Тинекс Пролет на полувреме (12:11).

Кога на почетокот од вториот дел, домашната екипа постигна уште два неодговорени гола преку Мајнов, предноста достигна три гола, кои уште десетина пати стоеа на семафорот до крајот на мечот. Кога на десет минути до крајот на средбата, Јанев зголеми на 25:20, јасно беше дека Пелистер е совладан. До крајот на мечот, битолчани преку Димитровски успеа да се доближат, но не и да освојат барем бод. 28:26 за борбениот Тинекс Пролет, во чии што редови се истакнаа Стефан Стојановски со 9 и Ласко Андоновски со 8 гола. Кај Пелистер, Хрватот Топиќ постигна 5, а капитенот Васко Димитровски беше автор на четири гола.

По оваа победа, Тинекс Пролет остана седми со 13 бода, а Пелистер е веднаш зад скопјани на осмото место со 9 бода. Екипата на Игор Николовски ќе има шанса за поправен испит, в недела против Вардар Јуниор во спортската сала „Младост“ во Битола.

ФОТО: www.24rakomet.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY