Пет жени обвинети за вештерство претепани до смрт во Индија

0
411

Селани во рурална област во источна Индија до смрт претепале најмалку пет жени, обвинувајќи дека изведуваат вештерски ритуали и предизвикуваат несреќи во селото, објавија во саботата локалните полициски извори.

Убиствата биле пријавени во селото Канџиа, 40 километри од Ранчи, главниот град на источната сојузна индиска држава Џарканд во саботата утрото, кога и се случиле.

Портпаролот на полицијата на Џарканд, С.Н. Прадан, изјавил дека селаните употребиле камења и ножеви во убиствата на жените, откако ги обвиниле дека носат несреќи во селото и дека се вештерки.

„Жените биле извлекувани од нивните домови додека спиеле и биле претепувани до смрт од страна на соселаните кои верувале дека тие се вештерки…. некои биле каменувани до смрт“, рекол Прадан, пренесува AFP.

Заменик началникот на полицијата во Ранчи, Арун Кумар Синг, во меѓувреме за локалните медиуми изјавил дека биле уапсени најмалку дваесетина селани во врска со убиствата. Премиерот на државата Џарканд, Рагубар Дас, пак, порача дека „Во времето на знаења, ваквите инциденти се тажни“.

Суеверието и гатањата се широко распространети во повеќето од сиромашните и зафрлени региони низ цела Индија, а верувањата во фрлањето магии и лоша среќа предизвикаа во последно време неколку случаи во кои жени беа запалени живи.

Кон средината на јули селани со секири масакрираа индиски сопружници и нивните четири деца, бидејќи ги сметале за виновни за „фрлање уроци и болести“ на нивните деца, соопшти во понеделникот полицијата во индиската сојузна држава Одиша. Жртвите, 46-годишниот Гура Мунда и неговата сопруга 43-годишната Будули, спиеле со шесте деца во земјена колиба во селцето Лахандa во округот Кеонџар, кога влегле шест лица вооружени со секири. Напаѓачите, а се верува дека се роднина на убиеното семејство, ги сметале виновни за тоа што често се разболувале новороденчињата во селото, објави полицијата.

Една седмица пред овој маскар, на другиот крај од државата Одиша, полицијата од округот Рајагади пронашла останки од маж кого поради наводно фрлање уроци, до смрт го претепале и изгореле соселаните.

Во јули селани во североисточната држава Асам со мачети искасапија 63-годишна жена, откако ја обвинија дека „фрла зли магии“ врз селото“.

Податоците на индиската влада покажуваат дека само во државата Џарканд имало најмалку 54 убиства од 160-те во „ловот на вештерки“ во текот на 2013 година. Податоците на Националното биро за кривични случаи, пак, покажуваат дека околу 2.000 жени смртно настрадале во периодот меѓу 2000 и 2012 година во слични случаи. Оттаму некои индиски сојузни држави донесоа специјални закони во обидите да се спречат злосторства извршени врз жените по обвинувања за вештерство./крај/мф/сн