Пјонгјанг ги обвини САД за напад со антракс

0
174

Северна Кореја ги обвини Соединетите држави за напад со антракс и го повика Советот за безбедност при ОН да го истражи американскиот план за биолошка војна, откако активни бацили на антракс од американска воена лабораторија стигнале во Јужна Кореја, но и во Јапонија, за којашто во петокот беше објавено дека е петтата земја во која пристигнала пратката.

Живите бацили на антраксот, кои можат да се користат како биолошко оружје, по грешка биле испратени во Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија, како и во приватни лаборатории во 19 сојузни држава и во округот Вашингтон, соопшти неодамна Пентагон.

„САД, не само што поседуваат смртоносно оружје за масовно уништување, туку исто така и се обидуваат да го употребат во сегашниот конфликт против Северна Кореја“, изјави севернокорејскиот амбасадор во Обединетите нации, Ја Сонг-Нам во писмото до Советот за безбедност на ОН и на генералниот секретар на светска организација, јужнокореецот Бан Ки-мун, објавено во петокот.

По неколкуте претходни потврди, американското министерство за одбрана објави во петокот дека во американската воена база во Јапонија, исто така, по грешка стигнала пратка од активни бацили на антраксот. Примероците кои во 2005 година биле испратени во американската база „Кемп Зама“ уништени се во 2009 година на самото место, наведе Пентагон. Се смета дека во 2005 година вкупно 69 лаборатории примиле заразени примероци.

Засега не е регистриран ниеден случај на зараза на луѓе по манипулацијата со примероците, чијашто концентрација, како што тврди Пентагон, на активни бацили е многу ниска.

Антраксот се изучува во воени лаборатории од затворен тип за развивање на мерки против можната употреба на агенси од ова заболување како биолошко оружје. Станува збор агенс кој предизвикува смрт за кратко време, а симптомите се акутна кожна инфекција и тешкотии при дишење.

Сите примероци ги испратила воена лабораторија „Дагвеј“ во сојузната држава Јута, со цел да се изработат средства за откривање на бацилите во случај на бактериолошка војна. Со истрагата засега не е утврдено зошто тие примероци содржат активни спор, бидејќи зрачењето би требало да ги уништи.