Пјонгјанг тврди дека произвел мини нуклеарни боеви глави

0
449

Младиот севернокорејски челник Ким Јонг-Ун изјавил дека неговата земја успеала да произведе мини нуклеарни боеви глави кои може да се постават на балистички ракети, што го оцени како нуклеарно одвраќање, пренесуваат агенциите повикувајќи се на извештајот на државната новинска агенција на комунистичкиот режим во Пјонгјанг и повторно се заканил со „превентивни“ нуклеарни напади врз САД.

„Нуклеарните глави се стандардизирани и смалени за да ги собере во балистичките ракети“, рекол Ким Јонг-Ун на состанок со севернокорејските воени нуклеарни експерти оценувајќи го „успехот“ како „вистинско“ нуклеарно одвраќање, пренела агенцијата KCNA, според AFP.

Државното радио на Северна Кореја, исто така, го цитирало водачот Ким честитајќи им на дизајнерите на севернокорејскиот нуклеарен арсенал за „успешната работа“ рекол дека е „остварена задачата за намалување на масата на нуклеарните полнења и нивно прилагодување за балистичките ракети“, пренесе јужнокорејската новинска агенција Yonhap.

Северна Кореја во јануари го изведе четвртиот нуклеарен тест, за кој тврдеше дека е тестирање на хидрогенска (термонуклеарна) бомба, но светски експерти според интензитетот се сомневаат дека станува збор за помала нуклеарна бомба.

Ким Јонг-Ун, исто така, повторил дека Северна Кореја може да изведе превентивен нуклеарен напад врз САД.

„Северна Кореја без никакво двоумење ќе изврши превентивни нуклеарни удари врз САД, доколку американските империјалисти го загрозат нејзиниот суверенитет и правото на постоење“, го цитирала KCNA Ким.

На средбата со нуклеарните стручњаци Ким разговарал за создавање различни видови тактички и стратешки проектили со нуклеарни боеви глави и притоа бил „запознаен со специфичностите на компактните нуклеарни боеви глави од корејски стил“.

Ситуацијата на Корејскиот полуостров ескалираше по 6-ти јануари кога Северна Кореја го изведе четвртиот нуклеарен тест, а потоа на 7-ми февруари лансираше сателит со помош на балистичка ракета којашто може да се користи за нуклеарен напад на цели на оддалеченост од 12.000 километри. Како одговор на прекршувањето на меѓународните забрани за вакви тестирања, Советот за безбедност пори ОН донесе резолуција со којашто се заоструваат санкциите кон Пјонгјанг, кои ќе водат на натамошна економска изолација на Северна Кореја.

САД и Јужна Кореја започнваа на почетокот од седмицата големи воени вежби под називи „Key Resolve“ и „Foal Eagle“, коишто комунистичкиот режим во Пјонгјанг ги смета како манифестирање агресија против Северна Кореја. Најавено е дека додека траат вежбите САД на Корејскиот полуостров ќе стационираат бомбардери од типовите „B-2 Northrop“ и „B-2 Spirit“, како и други видови стратешко вооружување. Во маневрите ќе бидат ангажирани 15.000 американски и 300.000 јужнокорејкси војници./крај/мф/сн

Без коментари

LEAVE A REPLY