Планинска авантура на Големо и Мало езеро

0
664

За оние кои се ориентирани повеќе кон природата и планините, летото секогаш е период кога сакаат да се опуштат и да ги наполнат батериите во длабока сенка и на чист воздух.
Ние и овојпат се одлучивме викендот да го поминеме на битолската убавица Баба планина и нејзините езера.
Пелистер има развиена хидрографска мрежа, така што ова подрачје изобилува со извори, потоци и планински реки, а има и две глацијални езера,
Големото и Малото Езеро на Пелистер, познати како „Пелистерски Очи“.
Се тргнува во договорено време и место. Се поаѓа со теренско возило на Хера турс.
Патот води преку селата Трново и Магарево до инфо центарот односно попознато како Вилата на Лазо, каде стартува возењето по off road терен.

На секоја планинарска патека има по некој “природен“ видиковец кој како да е намерно поставен тука и мами да застанеме, да се одмориме и да се восхитуваме на убавините околу нас.

Од време на време застануваме да се одмориме, но и да украдеме некоја фотографија -скромен исечок од прекрасната природа околу нас.

Авантурата е преку Палиснопје, Ловечка куќа. Погледот, совршен.
Времето е топло, но сепак нe “лади“ помислата дека градот е доволно далеку од нас, а езерото доволно блиску.
Како што ги преоѓаме 2000те метри надморска висина, се менува и ликот на планината. Шумскиот појас полека се гаси, а почнуваат широките пространства со ниска вегетација.

Кон домот, нe испраќа и прекрасниот залез на сонцето.

Како се доближуваме до – Големото Езеро, енергијата расте.
Убавината е можеби и во изненадувањето – не можеме да го видиме ова планинско око, речиси до пред самиот крај. И тогаш , се појавува пред нас, во сиот свој сјај.

Овде нe чека Планинарскиот дом. Тука имате можност за разглед на прекрасна природа и пејсаж, да вдишите чист воздух и да се напиете чиста изворска вода.

Поголемиот дел од планинарите го поминуваат остатокот од попладнето во добро расположение и средување на впечатоците од изминатите часови.

Добрите домаќини на ПСК.Пелистер, нe закрепнуваат со чај од мајчина душичка. Никаде чајот нема таков вкус и мирис како на свеж, планински воздух.
Во Домот, атмосферата е веќе на врвот. Како и вообичаено, песна го славиме нашиот мал поход.
Утрото наспани и освежени се собираме пред домот заедно со многубројните планинари од повеќе македонски градови, но и бројни туристи кои пешачеа до Големо езеро. Ги правиме групните фотографии пред да продолжиме .

Големото Езеро лежи на надморска височина од 2218м. Toa е едно од највисоките глацијални езера во Македонија. Се протега во правецот север-југ. Долго е 223м, широко 162м, со длабочина од 14.5м.

Националниот парк Пелистер е прогласен со закон на 30 Ноември 1948 година. Највисокиот врв во паркот е 2.601 метар надморска височина. Како најзаслужен за стекнување со статус Национален парк е петтоигличниот бор-Молика, во 1893 година откриен од австрискиот ботаничар Аугуст Гризебах. Покрај Моликата на Пелистер постојат и други ендемични видови на растителен и животински свет, кои се под заштита со Законот за заштита на природата.
На јужниот брег на Големото езеро се наоѓа малата црквичка, а тука е и познатата карпа од каде се прават прекрасни фотки.
Ние тргнавме кон Малото езеро.
На запад, низ магла и облаци може да се види Преспанското езеро. Малку понатаму е Галичица.
Малото Езеро лежи на 2180 м. н. в. Се наоѓа во изворишната челенка на Црвена Река. Долго е 79м, широко 68м, со длабочина од 2.6м. Оддалечено е околу 2км од Големото Езеро, во северозападен правец.
Покрај големото и малото езеро, тука има можност и за велосипедизам, пешачење по бројните планински патеки. Поаѓање кон “Антена” со 2.601 надморска височина. Од самиот врв од една страна се гледа Пелагонија и градот Битола, а од другата страна Преспанското езеро со Галичица во позадина.
На патот кон Битола, од десна страна се поздравуваме со Пелистер.
Се прави пауза и се тргнува за назад со попатни паузи до планинските чешми и поточиња од кои течат чисти бистри изворски води.