Планинска авантура на Меденица на ПСК.Димитар Илиевски Мурато

0
499

Меденица за планинарите е најпопуларниот врв за искачување, не само во околината на Галичник, туку и на целата планина Бистра. Истовремено тој е и највисок врв во оваа околина со 2163 метри надморска висина.
Токму од овие причини планинарско спортскиот клуб Димитар Илиевски Мурато, го организираше искачувањето на еден од најубавите предели во Македонија.
Авантурата започна уште во раните утрински часови.
Бистра со срдечност, благородна и гостопримлива, не пречека во своите прегратки, давајќи можност безрезервно да уживаме во сиот нејзин раскош.
Падини кои будат немир и спокој во исто време.

Нагоре, пополека, со сигурен чекор, забрзан здив и бистри мисли, искачуваме кон сртот кој извивачки ќе не донесе до Меденица. Аурата и енергијата кои се шират насекаде околу нас секоја секунда ја прават посебна, единствена и возбудлива.

А кога пред вас, во еден момент, ќе се извиши гордо Меденица, тогаш чекорот сам од себе подзапира, срцето полека го смирува својот забрзан ритам, очите восхитено се шират пред фантастичната глетка.
Погледот од Меденица кон Мавровско Езеро и централната висорамнина на Бистра ,ве остава без здив.
Меденица, моќна, тивка, но и немирно своја, гордоста, срцето и духот на Бистра Планина. Кога сте на Меденица ве обзема чувство дека сето она околу вас е запрено во еден вечен миг.
Гласниот молк кој извира од планинските падини го сплотува човечкиот дух со трепетот на тревките, цвеќињата, карпите и брановидната хармонија на падините.
Симнувајќи од Меденица, полека се придвиживме кон Галичник.

Уште едно од безбројните паричиња убавина кои ве следат на сите страни додека сте на Бистра.

Бистра ќе ве направи поблиски до природата, поедноставни, повозвишени .После Бистра ќе бидете друг човек, далеку поголем, ќе бидете сплотени со природата.
Природата била несебична на регионот по долината на прекрасната река Радика, подарилa голем број убавини и реткости што можат да се сретнат на овие простори и никаде на друго место.

Тука се дуфските водопади, во близина на с. Ростуше до кои од самиот центар на селото се стигнува за 30тина минути. Патеката до водопадите е обележана, уредена, обезбедена со дрвена ограда и истата во неколку наврати е значително стрмна но во поголемиот дел е лесно проодна.
До самите водопади се поминува низ Дуфскиот кањон кој е висок и до 100 метри и кој претставува вистинска атракција. Местото е специфично и по пријатната клима а температурата во најжешките летни периоди изнесува од 18 до 20 степени.
Главна атракција и вистински празник за очите е водопадот Дуф според кој самото место го добило името, а се наоѓа на самиот крај на кањонот.
Неговата висина изнесува околу 25 м. а во негова близина се поставени неколку клупи за одмор каде што посетителите можат да минат неколку убави моменти во природа .
Водите се спуштаат низ карпест засек со височина од околу триесетина метри. Притоа, се создава завеса од ситни капки што освежуваат од пешачењето. Тука температурата постојано е околу 15 Целзиусови степени.