По изјавата на Спасов, и шоферот и неговата сопатничка ги смениле сведочењата

0
511

Oткако Диме Спасов, заменик министерот за труд и социјала, вчера призна дека тој го возел службениот „туарег“ во петокот навечер, веднаш се сменија и исказите на двајца сведоци. Тоа го направиле и шоферот од Министерството за труд и социјална политика и сопатничката на Спасов.

Шоферот од Министерството за труд и социјална политика, М.Т., кој во петокот вечерта се пријавил дека го возел џипот без воопшто да знае што се случило, вчера го сменил исказот. Според полициски извори, тој вчера признал дека тој ден воопшто не бил во допир со џипот „туарег“ на Агенцијата за вработување.

Во билтенот на МВР пишуваше дека два часа по полноќ, откако Спасов почнал да бега од полицајците, се појавило лицето М.Т. за да сведочи дека тој го возел џипот „туарег“, во кој биле Спасов и уште едно женско лице. Освен тоа, М.Т. воопшто не знаел што се случило вечерта, а претходно придружничката на Спасов веќе дала исказ и потврдила дека таа и Спасов биле сами во автомобилот.

Шестиот ден по инцидентот, Спасов вчера за ТВ Нова изјави дека додека самиот го возел автомобилот, бил нападнат од вооружени насилни лица, кои го бркале по скопските улици. Тие сакале и физички да се пресметаат со него, а во еден момент му бил вперен и пиштол.

Полициски извори брифираат дека вчера сопатничката на Спасов, Т.К. во полиција дала трет исказ. Првиот бил дека Спасов го возел џипот и не биле нападнати. Веќе во саботата Тамара К. се предомислила и изјавила дека шофер од Министерството за труд и социјала, Марио Тавиќ, го управувал џипот ден пред тоа. Тамара изјавила дека била под стрес и затоа кажала дека возел Спасов.

По интервјуто на Спасов за ТВ Нова и по објавувањето на снимките за инцидентот од петокот вечерта, Тамара дала трет исказ – џипот сепак го возел Спасов и биле нападнати. И овојпат причината за сменетиот исказ било влијанието на стресот од првата вечер.