По Париз и Минхен, Наташа Атлас настапи пред битолчани

0
541

Седмото издание на Фестивалот на музика од светот, го затвори светски познатата музичка ѕвезда со англо-египетско потекло Наташа Атлас.

Таа во Битола настапи по концертите во Париз, Женева, Минхен, Вроцлав.

Наташа е препознатлива по нејзиниот успех во обединувањето на западната и источната музика, особено по нејзиното комбинирање на најсовремениот електронски звук со арапски мелодии и инструменти. Таа досега соработувала со ѕвезди како Питер Габриел, Шинед О’Конор, Жан Мишел Жар и многу други.

Во Македонија доаѓа за прв пат а посебно и се допадна храната и архитектурата на Битола.

Атлас ги истакна сличностите на музиката што ја негува со музиката од ова поднебје- Кларинетот и користењето на Таксим ги има во мојата, како и во македонската музика-додаде таа.

Во Битола ја имаше промоцијата на нејзиниот најнов албум Илјадници патишта, чиј продуцент е прославениот музичар Ибрахим Малуф а на кој соработува и со Исмаил Лумановски.

Покрај композициите од новиот албум во Битола изведе и дел од композициите од постарите албуми, меѓу кои композицијата напишана врз основа на темата од 1001 ноќ, Патувач, песна на арапски за конфликтите низ светот и многу други.

За својот начин на изведба вели дека експериментира со музичките стилови но се обидува да ја задржи својата автентичност и препознатливост .

Фестивалот на музика од светот, оваа година се одржа по седми пат. Со богата музичка програма низ која поминале најквалитетните музички артисти од нашата земја, афирмирајќи го македонското музичко богатство, од година во година, дел од фестивалот се и најреномираните имиња од светската музичка сцена меѓу кои Ришард Галијано, групата Баба Зула, Рабу Али Калил и други, кои го разбрануваа интересот на македонската јавност.