По пет години жесток судир меѓу Курдите и војската, тежок удар врз Асад

0
315

Сириската курдска милиција ИПГ тргна во голема офанзива за да ги освои последните делови од североисточниот сириски град Хасеке кои го држат силите на сирискиот режим, соопштија курдските сили на локалното население.

Курдите јавуваат дека нивните оружени сили по полноќ почнале офанзива врз јужниот дел од источните квартови на градот, во близина на гувернерската канцеларија.

Борбата која неделава се води за Хасеке, поделен на курдски и квартови под контрола на сириската власт, е најнасилниот конфликт меѓу ИПГ и Дамаск по повеќе од пет години на граѓанска војна, и е дел од пошироката борба за контрола врз пограничната зона со Турција.

По вчерашното затишје во борбите судирот продолжил низ дел од градот, јавува Сириската опсерваторија за човекови права. Моќниот ИПГ го зазел речиси целиот исток на Гваиран, единствениот арапски кварт под контрола на владата.

ИПГ се клучни за американската кампања против милитантите на Исламска држава (ИСИС, Даеш), и контролираат голем дел од северот каде турските групи поврзани со таа милиција формираа сопствена влада.

НАТО членката Турција, која се бори од бунт на Курдите на сопствената територија, е загрижена поради обидите на сириските Курди да се пробијат западно од нејзината граница. За да ги спречи ИПГ, Турција им дозволи на сириските бунтовници обединети под знамето на Слободната сириска армија да се регрупираат на нејзината територија пред да ги нападнат градовите што ги држи Исламска држава.

Силите на сириската влада мината недела за првпат ги испратија своите воени авиони во напад врз Курдите, поради што американската коалиција мораше да ги премести своите авиони за да ги заштити американските копнени операции.

Денес воени авиони повторно биле видени на небото над Хасеке, но не фрлале бомби, пренесува Опсерваторијата, а курдските сили напредуваат и покрај нив.

Сириските државни медиуми ги обвинуваат безбедносните сили Асајиша, поврзани со ИПГ, дека го кршат примирјето, и дека ги запалиле државните објекти во Хасеке.

ИПГ отфрла дека било договорено примирје, дистрибуира летоци, и преку разгласи низ градот ги повикува државната војска и провладините милиции да го предадат оружјето.

„На сите елементи на режимот и нивните милиции во градот им порачуваме дека сте на нишанот на нашите единици. Оваа битка е решена и нема да се повлечеме. Ве повикуваме да го предадете оружјето или да се сметате за мртви“, пишува на летоците.

Губењето на Хасеке би бил голем удар за претседателот Башар Ал Асад, и би ја намалил руската поддршка на сирискиот режим која му е неопходна за да ја врати изгубената територија и да спречи нови освојувања на бунтовниците.

Илјадници цивили во етнички мешаниот град, вклучувајќи ја и христијанската заедница, избегале во околните села.

mkd.mk