Поблиска држава од Македонија немаме, Бугарија треба да биде нејзин адвокат во ЕУ

0
317

Бугарија нема поблиска држава од Македонија, и затоа треба да биде нејзин адвокат во Европската унија (ЕУ), порача поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, запрашан за односите помеѓу двете земји, пренесува БГНЕС.

„Последните шест месеци остварив три средби со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов по различни поводи и верувам дека неговите зборови за Бугарија да ја прегрне Македонија се токму повик за поинтензивни односи меѓу двете земји“, изјави Стојанов.

„Бугарија е стара држава, со историја, со традиција, со самодоверба, со сегашност која исто така предизвикува самодоверба – како земја-членка на НАТО и ЕУ. Никогаш не треба да заборавиме тоа и од време на време треба да им простуваме на одредени македонски новинари поради зајадувањата со Бугарија, затоа што поблиска држава од Македонија немаме“, вели Стојанов.

Поранешниот бугарски претседател потенцирал дека една од најважните улоги на Бугарија во ЕУ треба да биде тоа таа да стане адвокат на Македонија, во сите напори кои земјата ги прави за да стане член на Унијата.

Запрашан за бегалската криза и за опасноста од тоа Бугарија да стане нов коридор, нешто за кое предупредуваат земјите од ЕУ, Стојанов одговори дека смета оти тоа е веројатно сценарио и дека земјата треба да биде подготвена за тоа.

„Имам впечаток дека државното и политичкото раководство на земјата го прави она што е потребно“, рекол Стојанов, додавајќи дека бугарските граѓани не треба постојано да живеат во страв поради ваквите закани./крај/мф/бс