Почина актерот Адам Вест, првиот Бетмен

0
657

Американскиот актер Адам Вест, првиот кој во телевизиската серија го толкуваше ликот на суперхеројот Бетмен во 1960-те години, починал во петокот на 88-годишна возраст од леукемија, објави во саботата неговото семејство на Facebook.

И покрај тоа што стотици пати се појавуваше на телевизијата и што кариерата му траеше повеќе од 60 години, Адам Вест, роден на 19 јуни 1928 година, во Вала Вали, во сојузната држава Вашонгтон, публиката најмногу ќе го памети по двете години кога го играше човекот лилјак, од 1966 до 1968 година, снимајќи 120 епизоди од серијата. Ликот на Бетмен го толкуваше и во долгометражниот филм снимен 1966 година.

Неговиот последен проект е анимираниот филм на истата тема „Batman vs Two-Face“ во кој го позајми својот глас, а кој треба да се појави следните месеци.

Роден под вистинското име Вилијам Вест Андерсон, актерот секогаш гледаше благонаклоно на оваа улога и редовно учествуваше на конвенциите на фановите на Бетмен, каде беше омилен гостин. Осумте филмски продолженија за Бетмен снимени од 1989 година, со многу поспектакуларни специјални ефекти, воопшто не го засенија.