Почина бившиот претседател на ФК Пелистер

0
452

Денес во 83 година од животот во Битола почина легендарниот претседател на ФК Пелистер и директор на Клиничката болница во Битола, д-р Петар Илиевски – Бембо. Човекот кој има големи заслуги за развојот на спортот, најконкретно на фудбалот, целиот свој живот беше посветен на спортот и секаде ја искажуваше својата пасија кон него. Ќе биде погребан утре во 12 часот на градските гробишта во Битола. Пред четири години Сојузот на спортови на Битола му врачи специјална награда за заслуги во спортот. Тогаш на своето последно излегување во јавност д-р Илиевски за битолскиот спорт говореше: bembo 2„Првиот контакт со фудбалот ми беше играчката кариера. Ние бевме први младински прваци на Македонија во 1949 година. Од 1964 година сум во битолскиот спорт, кој во македонски рамки најмногу дал и ја афирмирал државата во сојузната лига. Тоа беа четворица боксери кои беа државни прваци на Југославија, младинската кошаркарска екипа настапуваше во југословенската лига, женската екипа единствена од Македонија играше во таа заедничка лига, ракометната екипа беше меѓу првите екипи кои настапуваа во југословенска лига и подоцна прва македонска екипа која играше европски купови и многу други работи кои потекнале од Битола. Да не говорам за фудбалот. Дури ни Белград, Скопје, Прилеп ја немаа таа иницијатива и талент кој го имаше Битола. А сега од 1990 година до денес нашиот битолски спорт назадува. Бев повикан да помогнам како да се подобри ФК Пелистер, на претседателот веднаш му реков: Пари треба да се обезбедат, нема други начини. Тие што ќе играат треба да заработуваат. Но ништо сериозно не е направено. Спортистите живеат од тоа, треба да се пронајде начин да се исплаќаат редовно. Ако тој проблем се реши, ќе биде многу подобро. Ова е Битола, другото го имаме. За таленти секогаш сме имале„ заврши д-р Петар Илиевски во интервјуто со Зоран Мишевски за ТЕРА ТВ.