Почина блуз легендата B.B.King

0
240

Легендата на блуз музиката Би Би Кинг починал во Лас Вегас на 89-годишна возраст, објави неговиот адвокат. Брент Брајсон за агенцијата AP, изјавил дека легендарниот музичар починал во сон во четвртокот околу 22 часот, во својот дом во Лас Вегас. Инаку Би Би Кинг неодамна бил хоспитализиран поради проблеми со дијабетесот.

Некогашниот фармер имал големо влијание врз генерации на музичари со својот магичен глас и со својот карактеристичен стил со кој ја свиреше гитарата. Би Би Кинг свиреше на гитара „Гибсон“, која самиот ја нарекувал Луси.

Покрај тоа што ја свиреше сопствената музика, тој им беше ментор на многу музички ѕвезди, меѓу и на Ерик Клептон. Магазинот „Rolling Stone“ го вметна на третото место на листата на најголемите 100 гитаристи на сите времиња, веднаш зад Џими Хендрикс и Двејн Олман.

Кинг го доби своето место и во Куќата на славните во 1987 година, а во 2014 година влезе и во Куќата на славните на R&B музиката.  Во кариерата има добиено 15 Греми награди, последната во 2009 година во категоријата традиционален блуз албум за албумот „One Kind Favor“.

Легендарниот музичар е роден како Рајли Б. Кинг на 16. септември 1925 година на една платажа блиску до градот Ит Бен во Мисисипи. Од четвртата година, кога неговата мајка решила да го напушти семејството, живеел со неговата баба Елнора Фар.

Во раната младост пеел во госпел хорот во батистичката црква во Килмајкл.

Вниманието врз себе го свртел во 1948 година со јавните настапи на радиото KWEM во Западен Мемфис. Работел и на радиото WDIA како пејач и DJ и се стекнал со прекарот „Beale Street Blues Boy“, подоцна тоа било скратено на „Blues Boy“, а потоа на B.B.

Првиот бенд Review го основал заедно со Милард Ли и имал многубројни настапи низ САД.

Откако со песната „3 O`Clock Bluws“ се искачил на првото место на најдобрите синглови на R&B листата во 1952 година, Кинг ја продолжил својата импресивна низа на незаборавни песни: „You Know I Love You“, „Woke Up This Morning“, „Please Love Me“, “When My Heart Beats like a Hammer”, “Whole Lotta Love”, “You Upset Me Baby”,”Every Day I Have the Blues”, “Sneakin’ Around”, “Ten Long Years”, “Bad Luck”, “Sweet Little Angel”, “On My Word of Honor” и “Please Accept My Love”.

Кинг два пати бил во брак, со Марта Ли Дентон (1946-1952) и со Су Керол Хол (1958-1966). Имал 15 деца и според извештаите од 2004 година 50 внуци.

Последните 20 години живеел со дијабетес од типот 2 и бил голем борец за подигнување на свеста кај луѓето за оваа болест.