Почина француска пратеничка по говор за Макрон

0
1224

Педесетгодишната Корин Ерел, која беше член на француската Социјалистичка партија, а од минатата година се приклучи на движењето „Напред“ („Ан Марш“) на центристичкиот кандидат на претседателските избори Емануел Макрон, почина за време на еден од собирите, откако одеднаш се онесвестила на бината додека држела говор, пренесува АФП.

Официјални претставници на партијата денеска соопштија дека Ерел била последниот говорник на вчерашниот митинг на Макрон во западниот дел на Франција. Откако и се слошило, веднаш била префрлена во болница, каде што е прогласена за мртва. Причината за нејзината смрт се наведува дека е срцев удар.

– Со огромна тага дознав за смртта на Корин Ерел која вчера зборуваше пред 300 активисти – рече претседателот на Долниот дом на францускиот парламент, социјалистот Клод Бартолон.

Францускиот претседател Франсоа Оланд, кој исто така беше од редовите на Социјалистичката партија објави дека Ерел ги поддржувала од 2007 година и „целосно била предадена на работата во Собранието“.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи утре, а според анкетите Макрон треба да победи против екстремно десничарската ривалка Марин Ле Пен.