Почина нобеловецот Ели Визел, сведок на холокаустот

0
367

Еврејскиот писател и општественик Ели Визел, кој го преживеа Холокаустот, како заточеник во нацистичките логори Аушвиц и Бухенвлад, добитник на Нобеловата награда, почина во саботата на 87 години, објави меморијалниот центар Јад Вашем.

Роден септември 1928 година во Сигету Марматиеи во Романија, Елиезер Ели Визел се прославува со романот „Ноќ“, детално пишуваше за своето заточение во концентрационите логори, а во 1986 година ја прими Нобеловата награда, а година претходно Златниот медал на Конгресот на САД.

„Јад Вашем жали поради заминувањето на Ели Визел, човекот кој го преживеа Холокаустот, добитникот на Нобеловата награда, познат писател“, објави музејот на Twitter.

Филозоф, оратор, писател и професор кој се бореше за сите кои биле тиранизирани и заборавени ширум светот, почина на 87 години во Бостон, во американската сојузна држава Масачусетс.

Роден во Трансилванија во денешна Романија, своето животно кредо го изрази во„Ноќта“, романот за Холокаустот и објасни дека „да се заборават мртвите би значело да се убијат по вторпат“. Во Аушвиц бил депортиран со целото семејство и таму починале неговата мајка и една од сестрите, а тој е депортиран заедно со татко му во Бухенвалд, каде што е убиен неговиот татко.

„Рамнодушноста за мене е олицетворение на злото“, запиша во споменатиот роман во кој пишува за чувството на срам што го чувствувал лежејќи сокриен додека во близина го тепале неговиот татко. Чувството на срам и вина го прогонувале со децении, што се гледа од неговите 57 дела.

Кога му ја доделуваше Нобеловата награда за мир, Комитетот истакна дека Визел е „гласник на човештвото“, еден од најважните духовни лидери во времињата кога насилството, репресијата и расизмот продолжуваат да го одбележуваат светот.

Визел, кој во 1960-те, по престоите во Франција и Израел стана американски државјанин, а последните години беше близок со актуелниот американски претседател Барак Обама, сепак ја критикуваше американската политика кон Израел. Заговараше подигнување на еврејските населби во Источен Ерусалим, кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија, и вршеше притисок врз владите на САД и на другите западни земји да заземат поцврст став кон Иран поради неговата нуклеарна програма.

Неколку години откако ја доби Нобеловата награда за мир ја основа Фондацијата Ели Визел која водеше кампањи освен за еврејското прашање и за правата на Индијанците Мискито во Никарагва, за беглаците од Камбоџа, за жртвите на апартхејдот во Јужна Африка, како и за жртвите на гладот и геноцидите во Африка./крај/мф/сн