Почина ограбениот старец од битолско Ротино

0
143

78-годишниот Павле Трајчевски од потпелистерското село Ротино, една недела се бореше за живот, откако маскиран разбојник го ограби и го претепа во неговиот дом. Пред неколку дена почина, а вчера беше погребан на селските гробишта во Ротино. Некогашниот печалбар со американска пензија, живеел сам . Бил нападнат во зорите на 1 јули, удиран со дрво по главата и телото, по што разбојникот му ја одзел заштедата и избегал. Старецот беше хоспитализиран во битолската болница, но му подлегна на тешките повреди. Синот и ќерката, кои живеат во САД, веднаш по настанот допатуваа во родниот крај.

– Ова е премногу болно за нас, жалиме што загина на ваков начин. Тој имаше 78 години, но беше витален и здрав човек. Требаше да умри од природна смрт, а не вака претепан од разбојници, рече Валентина Јошевска,ќерка на Павле
Полицијата трага по сторителот , а не е исклучена можноста насилникот да бил од селото, некој кој знаел дека Павле има висока странска пензија. Неговиот дом бил мета на разбојници и пред неколку години, но тогаш усепал да се спаси.