Почна 38. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“

0
503

Македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски, го означи почетокот на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој како покровител на овој национален културен настан, му врачи златна „Камера 300“ за животно дело на годинашниот лауреат, францускиот кинематографер Пјер Лом.

Вториот добитник на наградата за животно дело, славниот италијански кинематографер, Џузепе Ротуно, заради својата возраст не дојде во Македонија, но негов претставник ја прими големата награда на фестивалот на кинематограферите кој до 30. септември ќе се одржува во Битола.

За време на гала отварањето се одржа и перформансот во режија на Нела Витошевиќ. Кореограф е Искра Шукарова, а настапија актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска, Денис Абдула, танчерот Агим Бафтии и студените од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје.

На црвениот килим поставен пред Центарот за култура во Битола за свеченото отворање на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ поминаа годинешните фестивалски гости, меѓу кои претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов со сопругата, годинешниот лауреат на „Браќа Манаки“ францускиот кинематографер Пјер Лом со сопругата, екипата од бугарско-македонската копродукција „Насоки“, потоа директорот на фестивалот Благоја Куновски-Доре, претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија Роберт Насков и директорот на Агенцијата за филм на РМ, Горјан Тозија.

 

Годинава за највисоките награди конкурираат 13 кинематографери со исто толку филмови, а натпреварувачкиот дел го почна бугарско-македонската копродукција, филмот „Насоки“.

Годинашното издание на фестивалот има 10 различни филмски програми, 13 филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, меѓународното жири го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.

Без коментари