Почна „Пиво фест“ во Прилеп

0
497

Неколку илјадници посетители, гости од земјата и странство, синоќа го проследија отворањето на 14-тиот по ред фестивал на пивото и добрата забава, „Пиво фест“ во Прилеп, кој најави уште возбудливо издание.

Музичката програма ја отвори домашниот блуз-составот „Кросроуд бенд“, а атмосферата на преполниот плоштад во Прилеп почна да се загрева со настапите на тетовскиот реге-бенд „Конкеринг лајон“ и реге-артистот со потекло од Јамајка Рафаел, кои приредија вистинска забава за тинејџерите и младите луѓе кои уживаа во ритамот на реге-музиката..

Главни ѕвезди на вечерта беа момците од српкиот состав „Тропико бенд“ на чело со нивниот харизматичен фронтмен Александар Цветковиќ-Саша , и со својот енергичен настап уште еднаш покажаа дека се вистински мајстори за живи свирки и речиси два часа ја забавуваа публиката со своите познати хитови.

Честа да ја затворат првата фестивалска вечер им припадна на  романскиот бенд „Флај проџект“ кои изведуват денс и латино-поп музика и се прославија со хитовите „Toca Toca“, „Like a star“, „Musica“.

Вечерва посетителите на фестивалот ќе се забавуваат со српскиот ска-бенд „Самостални референти“, македонската поп-ѕвезда Каролина Гочева која со својот бенд ќе ги изведе песните од проектот „Македонско девојче“, а по неа следи главната ѕвезда на вечерта, босанскиот кантавтор Хари Варешановиќ . До раните утрински часови за добрата забава ќе се погрижи грчкото хаус- дуо „Банг Ла Декс“ кои на своите диџеј-сетови настапуваат со маски.

Третата вечер  на прилепски „Пиво фест“, 16 јули, ќе биде резервирана за љубителите на фолк-музиката. Во музичката програма најавени се настапите на македонскиот фолкер Миле Кузмановски, српската пејачка Рада Манојловиќ и нејзиниот колега , турбофолкерот Аца Лукас.

Во фестивалската завршница, во недела, 17 јули, посетителите на „Пиво фест“ ќее имаат можност да уживаат во настапите на српската поп-ѕвезда Александра Радовиќ, српскиот трубач Дејан Петровиќ и неговиот „Биг бенд“ , а честа да го затворат фестивалот ја имат легендарните „Парни ваљак“ кои ќе ги изведат своите најголеми хитови.

Водители на манифестација се Жарко Димитриоски и Марјана Станојковска.