Почнуваат консултации за претседател на Собранието

0
834

Партиите кои го сочинуваат парламентарно мнозинство од денеска почнуваат консултации за избор на претседател на Собранието, а по нивното завршување ќе иницираат свикување на седница на парламентот. Според неофицијални проценки, седницата најрано би можела да се одржи в среда (15.03) или четврток. До денеска изминуваат 73 дена откако на 30 декември 2016 година се верификуваа мандатите на 120-те народни избраници кои го сочинуваат деветтиот парламентарен состав: 51 од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 49 од Коалицијата предводена од СДСМ, 10 од  ДУИ, 5 од Беса, 3 од Алијанса на Албанците и два од ДПА. Како што е познато, во новиот парламентарен состав нема избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови, а меѓу избраните пратеници 62 се нови, а 58 се од претходниот состав. Конститутивната седница на парламентот со која во декември претседаваше Трајко Вељаноски беше прекината, бидејќи немаше предлог од десет пратеници за формирање Комисија за прашања на избори и именувања што ќе предложи нов претседател на Собранието, со оглед дека тогаш не постоеше обезбедено мнозинство кое би го поддржало тој предлог.