Подем на гревот-колекција на Папаз која никого не остава рамнодушен

0
323

Кога станува збор за модата, секогаш е интересно да се види колекција која е создадена да провоцира. Овој пат, тоа е „Подем на гревот“ од Андреј Папаз Ѓоргиевски, со која во хотелот Мериот во Скопје  беше отворен Модниот викенд.
Колекцијата на Папаз несомнено е нешто што нема да ве остави рамнодушни како што тоа беше случај со сите присутни на ревијата, голем број на гости, соработници и пријатели на Андреј како од Битола, така и од Скопје.

Приказната за потопот на библиските градови за Содома и Гомора беше пресликана во модни парчиња на пистата кои моделите ги презентираа.
Подем на гревот е раскошна и драматична колекција, вистинска симбиоза на библиската приказна, поврзана со блискиот исток, како денешна територија, каде што се смета дека се наоѓале овие два градови, спакувано во една современа форма карактеризирана со провокативност и сексипил.
Креациите го носат  духот на раскош и драматичност. Се работи за еден авангарден стил, составен од носливи и помалку носливи парчиња.
На сцената доминираше црната боја, претставена во мат и сјајни варијации, како и сиви тонови, бела боја, а модните парчиња изработени беа од еко-кожа, свилен шифон, штоф, жоржет, скај и мрежа.
Музиката и за оваа ревија ја направи Димитар Андоновски која имаше силен печат кај публиката.
Подем на гревот достојно си го носи името, совршено интригира и буди љубопитност.

Новата колекција ќе може да се разгледа online и во ателјето на Викторија Арсовска.