Подвигот што донесе и радост и тага

0
1575

Димитар Илиевски – Мурато

..На денешен ден го освои врвот на светот,Монт Еверест, Непал…Вечна му Слава !!!!!!!!

Македонски алпинист, познат како првиот Македонец што ја има освоено највисоката планина во светот Се искачил на 10 мај 1989, по што не успеал да се врати во базниот логор и официјално се води како изчезнат.
Тој е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици.

Бил член на Планинарско-скијачкото друштво „Пелистер“ од 1968 година и еден од најголемите македонски алпинисти. Ги освоил сите важни врвови во Југославија, Грција, Бугарија, како и врвовите на Алпите (Мон Блан, Матехорн и Монте Роса).

Димитар Илиевски – Мурато е роден на 21 октомври 1953 година во Битола. Во градот под Пелистер, тој ја минува својата младост, се образува и како многумина битолчани станува вљубеник во прекрасната планина.

Како искусен, врвен македонски алпинист, станува стандарден член на сите македонски алпинистички експедиции кои се организираат во периодот од 1982 до 1989 година: Македонска алпинистичка експедиција „Анди 82“, Македонска алпинистичка експедиција „Памир 84“, Македонска алпинистичка хималајска експедиција „Манаслу 86“ и Македонска алпинистичка хималајска експедиција „Мт. Еверест 89“.

Диме за првпат се соочува со предизвиците на Хималаите за време  на Третата македонска алпинистичка хималајска експедиција „Манаслу 86“. Во 1986 година, македонските алпинисти се обидуваат по технички тешка насока да го освојат Манаслу (8.156 м), осмиот по висина врв во светот. Меѓутоа, лошите временски услови го попречуваат Диме и неговите другари да се искачат на самиот врв. Тие успеваат да испаднат на седлото, на висина од 7.350 метри, но не и да стигнат до врвот.

Втората шанса да се искачи на Хималаите, Диме ја добива во 1989 година кога учествува во Македонската алпинистичка хималајска експедиција „Мт. Еверест 89“. Овојпат, македонските алпинисти предводени од Јован Поповски за цел го имаат највисокиот врв на светот Монт Еверест ( 8.848м.). На 10 мај 1989 година, Диме Илиевски – Мурато го постигнува најголемиот успех, освојувајќи го Монт Еверест.

За своите достигнувања на полето на алпинизмот е носител на повеќе одликувања, награди и признанија меѓу кои: Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда“ (1984), „Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда“ (1989), „Медал за заслуги за Македонија“ (2008), Награда „4-ти Ноември“ (1979), Награда „11 Октомври“ (1990), Златни значки на Планинарскиот сојуз на Македонија (1980, 1982 и 1984) и др.