Поетски портрет на лауреатот Беи Дао во црквата Света Софија

0
221

Заминувањето од животот е илузија, а патувањето во еден правец е смрт за поезијата, вели во една од неговите песни годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, Беи Дао.

Во саботата вечерта љубителите на пишаниот збор можеа да уживаат во  неговата поезија во катедралната црква Свети Софија. На омажот посветен на неговиот живот и творечки опус, извадоци  од негови поетски книги читаа актерите Роберт Велјаноски и Арна Шијак во улога на водители на манифестацијата.

Беи Дао е еден од водечките поети на модерна Кина и дел од плејадата челници на Школата за загадочна поезија. Роден е на 2 август во 1949 година и откако повеќе години живеел во егзил во  осум земји, во 2006 се враќа во Кина кога станал универзитетски професор. Има напишано повеќе поетски книги меѓу кои: „Одлучување“, „Пејсаж на кулата“, „Форми на оддалеченост“, „Августовски месечар“, „Сина куќа“ кои се преведени на 30  јазици.  Тој е во постојана потрага по нови форми на изразување , како што истакнаа водителите, говорејќи за неговата бигорафија и поетско кредо.

„Она што ја отсликува поезијата на Беи Дао е музикалноста на зборот и богатството на поетски слики, кои не се само опскурни метафори. Тој има изграден медитативен поетски стил и во неговите стихови одѕвонува традиционалната кинеска поезија. Звуците на лирското се дел од празните простори меѓу зборовите. Она што е импресивно за годинашниот лауреат  и инзвонреден поет е што  се откажува од себеси за да се слушне самиот себе и тој верува дека семантичката строгост е непријател на зборот“, потенцираа водителите Шијак и Велјановски кои се потрудија со зборови да го исцртаат животниот пат на годинашниот поет и да го доловат неговиот портрет преку неговата  поезија.

Според лауреатот Беи Дао поезијата не е логика или игра на зборови. Таа е камен, нечуен, по кој ако се удри неколкупати дава искра. Со други зборови, кога каменот ќе потоне на дното на морето, тој чудесно станува мост, вели Дао.

„Учествував на  Струшките вечери на поезијата летото 2003  кога Томас Транстромер беше лауреат. Дванаесет години подоцна јас ја споделувам оваа уникатна чест и сум пресреќен. Благодарност до сите колеги поети, фестивалскиот совет, благодарност до секоја алка на синџирот од оваа меѓународна поетска традиција“, се заблагодари Беи Дао до сите присутни за привилегијата да  се закити со Златниот венец како највисоко признание за еден поет.

Златниот венец ќе му биде врачен денес на меѓународното поетско читање „Мостови“  на Мостот на поезијата со почеток од 20.30./крај/мф