Поевтинуваат бензинот и дизелот

0
508

Од ноќеска на полноќ нафтените деривати ќе се точат по нови намалени цени.

Регулаторното тело денеска одлучи бензините да ги намали за 3 денари за литар, а дизелот и екстра лесното масло за домаќинство за 2 денари.

Имено, ЕУРОСУПЕР-95 и ЕУРОСУПЕР-98 се намалуваат за 3 денари и ќе ги точите за 64.00 односно 66.00 денари за литар додека пак цената на ЕУРОДИЗЕЛОТ се намалува за 2 денари и ќе се точи по 49.00 денари за литар.

Екстра лесното масло за домаќинство во следните две седмици ќе чини 37,50 ден/лит. а малопродажната цена на мазутот М-1 НС сега ќе изнесува 20,76 ден/кг.

Овие намалени цени доаѓаат како резултат на падот на нафтата на светските пазари и истите стапуваат на сила на полноќ при што ќе се задржат во следните две седмици.

Цените на нафта на светските берзи утринава доживеале голем пад, губејќи околу два отсто од својата вредност.

Цената на нафта од типот „Брент“, за прв пат од 17 март 2009 година, падна под психолошката граница од 45 американски долари за барел, во позадина од глобалната загриженост за економијата во Кина, покажуваат податоците од светските берзи.