Политичкото мешање ги нарушува соседските односи

0
231

Европската Унија денес оцени дека „политичкото мешање го нарушува зацврстувањето на добрите соседски односи“, со што реагира на изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека не е исклучено обединување на Албанија и Косово, па ни воени судири на Западен Балкан, ако избледнеат изгледите за членство на регионот во ЕУ.

Ова за агенцијата Бета го изјави Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, нагласувајќи дека „регионот на Западен Балкан има јасна европска перспектива, како што тоа неодамна го потврди Европскиот совет“, шефовите на држави или влади на Унијата.

„Работиме со сите партнери во регионот да се реализира оваа цел, основана врз принципите на помирување и регионална соработка“, подвлече Маја Коцијанчич во изјавата за Бета на молбата да го каже ставот на ЕУ за изјавата на албанскиот премиер Рама за порталот Политико.

Претставничката за медиуми на Федерика Могерини додаде дека „секој вид политичко мешање го нарушува зацврстувањето на добри соседски односи“ во регионот.