Полицијата во Далас доби анонимна дојава и изведе оклопни возила

0
509

Полицијата во градот Далас, во американската сојузна држава Тексас, каде во четвртокот вечерта снајперист уби пет и рани уште седум полицајци, примила анонимна закана поради што го подигна нивото на безбедност, соопшти ноќта кон неделата по средноевропско време.

„Полицијата во Далас прими анонимна закана против силите за спроведување на законот ширум градот и презема мерки на претпазливост со кои ја зајакнува безбедноста“, се наведува во електронската порака до медиумите, пренесува Reuters.

Локалните медиуми пренесуваа дека пред полициската управа се поставени специјалци и оклопни возила, но полицијата ниту потврдува, ниту негира дека нејзиното седиште е под опсадна состојба.

Телевизиската мрежа CBS News, повикувајќи се на полициски извори, пренесува дека дојавата содржела информација дека во Далас може да пристигне вооружена група лица од Хјустон, кои имаат намера да ги напаѓаат припадниците на полицијата.

Во Хјустон претходно во саботата полицајци застрелаа вооружен Афроамериканец кој одбил да го положи оружјето. Во Далас, пак, маскарот врз полицајците во четвртокот вечерта беше изведен од 25-годишниот воен резервист Михаје Ксавиер Џонсон, како што рекол, поради одмазда за полициските убиства на црнци, од кои две се случија оваа седмица во државите Минесота и Лузијана.

Портпаролката на полицијата на Далас, Моника Кордова, за CBS потврдила дека „полицијата добила анонимни закани кон полициските службеници и оти се преземаат мерки на претпазливост“, но не сакала да ја појасни природата на заканата.

Телевизијата CNN извести дека зградата на полициската управа во Далас итно ја напуштиле десетици лица, а околу неа се распоредени припадници на специјалните единици. Некои од околните улици се блокирани, полицајци патролираат во споменатата област и на блискиот паркинг./крај/мф/сн