Положено полнолетството на Интернационалниот фестивал на монодрамата

0
404

 

Литванската актерка Јоланта Поденојте е овогодинешниот победник на Интернационалниот фестивал за монодрама што синоќа заврши во Битола.

Според одлуката на меѓународното стручно жири, актерката Поденојте од театарот во Клајпеда која ја изведе монодрамата „Те чекам злато“ остави најсилен впечаток во конкуренција на монодрамски остварувања на актери од САД, Израел, Ерменија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Србија и Македонија.

Жирито на фестивалот оваа година беше во состав Петар Темелковски, Нина Мазур, Братислав Димитров, Иван Лео Лемо и Билјана Крајчевска.

Наградата од публиката отиде за претставата Дневникот на лудиот, што ја изведе хрватскиот актер Озрен Грабариќ, во режија на Марјан Неќак, кој воедно ја напиша и музиката за истата.

Претходниот ден на меѓународен фестивал во Риека, Хрватска, оваа претстава се закити со уште три награди.

18- тото издание го отвори претставата Животот е прекрасен на македонскиот народен театар а во режија на Морфов, а во 7- те фестивалски дена беа изведени вкупно 17 претстави од кои 13 беа во официјална конкуренција.

Во чест на наградените, фестивалската завеса ја спуштија актерите од Театар Комедија-Скопје кои ја изведоа претставата „Случајот Хармс“ од Даниел Хармс, а во режија на Дино Мустафиќ.

Селектор и оваа година беше битолскиот актер Петар Мирчевски кој истакна дека конкуренцијата за овогодинешното издание била голема.

Фестивалот во Битола го организираше националната установа Центар за култура, а како и секоја година така и оваа покровител беше Министерството за култура.